дома Политика АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ СЕ ИСКАРАА: Платформата причина за затегнување на односите помеѓу ДУИ,...

АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ СЕ ИСКАРАА: Платформата причина за затегнување на односите помеѓу ДУИ, Алијансата и БЕСА!

Поголем дел од централното претседателство на ДУИ било на став дека нема причина да се влегува во авантура со коалицирање со СДСМ и дека треба да се размислува или за продолжување на соработката со ВМРО-ДПМНЕ или, пак, партијата да се подготвува за нови парламентарни избори

Односите помеѓу партиите потписнички на платформата се затегнати. Како што дознаваме од партиски извори, причина за тоа е писмениот документ што Заев го достави до ДУИ, со кој требаше да гарантира целосно исполнување на барањата за употребата на албанскиот јазик на државно ниво.

Иако никоја од трите партии не потврдува, кај нив постои раздор и различни гледишта дали понудата на лидерот на СДСМ ги задоволува нивните барања.

Заев до ДУИ наводно испратил понуда која ни оддалеку не значи двојазичност и целосна рамноправност на албанскиот со македонскиот јазик во цела Македонија. Во понудата се нудела измена на постојниот Закон за употреба на албанскиот јазик и негова надградба. Тоа во голема мера е слично со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ѝ го нудела на ДУИ во текот на преговорите кога не беше постигнат договор.

Во таква ситуација, поголем дел од централното претседателство на ДУИ било на став дека нема причина да се влегува во авантура со коалицирање со СДСМ и дека треба да се размислува или за продолжување на соработката со ВМРО-ДПМНЕ или, пак, партијата да се подготвува за нови парламентарни избори.

Во меѓувреме Зоран Заев чека одговор од ДУИ дали ќе ги добие нивните потписи кои ќе треба да ги достави кај претседателот, со што ќе може да го добие мандатот за формирање влада.

Поради влошените односи, вчера не се одржа средба помеѓу Али Ахмети и Зијадин Села, туку беше одржан состанок на работните групи. Делегацијата на ДУИ ја сочинуваа Теута Арифи, Изет Меџити и Невзат Бејта, тројцата градоначалници кои по секоја цена инсистираат на коалиција со СДСМ.

Ништо подобри не се ни односите на ДУИ и Беса. Лидерот на Беса, Билал Касами, осоколен од добриот резултат на изборите, засега избегнува средба со Али Ахмети. Згора на тоа, во Беса се убедени дека на следните локални избори ќе бидат сигурни победници во албанските средини и дека им одговараат избори. Од Беса не ја исклучуваат можноста заедно со локалните да се одржат и нови парламентарни избори.