Владата потврди дека му доделила 30 годишна концесија на „Тотал Инжинеринг“, фирмата на Вице Заев кој е инаку брат на премиерот Зоран Заев, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски порачува дека Зоран Заев без срам ја лаже целокупната јавност и граѓаните.
-Пред само неколку дена Заев бесрамно зборуваше дека неговата семејна фирма „Тотал Инжинеринг“ ги продала камионите и механизацијата и не учествува во скандалозниот бизнис со ископ и транспорт на јаглен во РЕК Битола. Сега гледаме дека не само што не ги продале туку и широкоградо добиле бизнис директно од владата предводена од Зоран Заев. Зоран Заев не е премиер на Република Македонија, тој е само комерцијалист на семејниот картел и има задача да овозможи што е можно поголемо богатење на своите фирми, барем додека трае оваа фаза од неговиот живот како премиер на Република Македонија. Кога се работи за комерцијалистот Заев се е на продажба и се е само добар бизнис за лично и семејно богатење на неговите фирми. Ова мора да запре. Ова мора да го спречиме, бидејќи Македонија и овој народ заслужуваат подобро. Овој криминален картел мора да се разбие и да падне, а сите сомнителни скандали да бидат предмет на јавното обвинителство и надлежните институции, порачува партискиот портпарол.