дома Социјални Мрежи АЧКОСКА ЗА 11 ОКТОМВРИ: Слободата, идентитетот, традицијата и државата се чуваат низ...

АЧКОСКА ЗА 11 ОКТОМВРИ: Слободата, идентитетот, традицијата и државата се чуваат низ вакви датуми

Историчарката Виолета Ачкоска го честита Денот на народното востание на македонскиот народ 11 Октомври.

„11 Октомври 1941 година е ден кој симболично го означува почетокот на оружената антифашистичка Народноослободителна борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна. За првпат во современата историја, иако само на еден дел од Македонија, таа борба доби свој победоносен крај со прогласувањето на Демократска федерална Македонија на Првото заседание на АСНОМ.

11 Октомври е трајната историска поука за сите идни генерации Македонци: дека и во најтешките, најневозможни ситуации на распарченост и повеќекратна окупација (германска, италијанска, бугарска) единството на народот, неговата сплотеност околу идејата за национална слобода и социјална правда се оној незгаслив оган на траењето, македонскиот Пиреј кој секојдневно зеленее по сите опожарувања и напори да биде откорнат.

Слободата, идентитетот, традицијата и државата се чуваат низ мозаикот на вакви датуми и низ идентификацијата на генерациите со најдоброто и најсветото што го создавеле нивните претходници. Само доколу ги негуваме ваквите историски мигови, како континуитет на нашето траење низ времето, само тогаш кога несебично ќе градиме и нема да разградуваме, ќе го имаме и своето место во европското семејство на културите, со свој особен печат и со име Македонија.

Вечна слава на паднатите жртви на фашизмот!
СМРТ НА ФАШИЗМОТ-СЛОБОДА НА НАРОДОТ!
Честит празник Македонци! Македонија вечна!“, порача Ачкоска на Фејсбук.