дома Македонија ВМРО-ДПМНЕ бара интерпелација и за Никола Димитров

ВМРО-ДПМНЕ бара интерпелација и за Никола Димитров

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене уште една иницијатива за интерпелација, овојпат, за министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

– Има повеќе причини, но ќе наведам само неколку. Прва е брзоплетото и штетно потпишување на договорот со Бугарија. Честитаме на бугарската влада што се избори за своите интереси, но не и на него – рече пратеникот Антонио Милошоски посочувајќи дека со договорот Македонија не ги заштитила своите интереси и се откажала од македонското малцинство во Бугарија.

Како друга причина го наведе неименувањето и неупатување на Александар Николовски за амбасадор во Брисел.

– Иако Александар Николовски ги помина сите процедури, од МНР добивме заклучок дека постапката се прекинува. Ако можеше ВМРО-ДПМНЕ да го испрати Нано Ружин за амбасадор во НАТО зошто да не може СДСМ да го испрати Николовски – посочи пратеникот додавајќи дека владата не ги исполнува ветувањата за вклучување на опозицијата во сите процеси од национален интерес.

Меѓу причините Милошоски го истакна и немањето категоричен и јасен став во однос на притисокот кој се врши да се изградат кампови за мигранти во Македонија. Тие средства рече дека треба да се наменат за градинки, за образование итн.