дома Македонија Во нoeмвpи нoвa cтpaтeгиja зa peгиoнaлeн paзвoj

Во нoeмвpи нoвa cтpaтeгиja зa peгиoнaлeн paзвoj

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски го отвори форумот на кој беа презентирани Студиите за економските карактеристики на планските региони, за регионалниот развој, како и за поддршка на малите и средни претпријатија и претприемништвото.

Тој, како што соопштуваат од Министерството за локална самоуправа, истакнал дека креираат нова Стратегија за регионален развој што ќе го детерминира развојот на планските региони во наредните 10 години.

– Евалуацијата на претходниот стратешки документ покажа дека целите не се остварени од различни причини. Целта е да подготвиме реален документ кој ќе придонесе кон намалување на развојните разлики меѓу планските региони, посочи министерот Милевски.

Тој додаде дека се подготвени секторски анализи за сите области, меѓу кои и експертски анализи за економските карактеристики на планските региони и за поддршката на малите и средните претпријатија и на претприемништвото, од кои се очекуваат препораки за побрз и порамномерен развој.

– Стратегијата ќе биде подготвена до ноември, но важно е да се користат реални податоци и затоа по објавувањето на резултатите од претстојниот попис следната година, стратегијата ќе биде ревидирана, рече Милевски.

Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски потенцираше дека регионалниот развој и децентрализацијата се исклучително важни и во контекст на европските перспективи на земјата.

– Само со силни општини и со региони со воедначени развојни ресурси може да се забрза процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија и да се подобри животниот стандард на граѓаните, рече Димитровски.