Во исчекување на телефонскиот разговор и позитивниот одговор од Заев, е најчестиот коментар, но и наслов во грчките медиуми во однос на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција.
Некои од медиумите коментираат дека се во прашање часови, други дека се во прашање денови за да се затвори долгогодишниот проблем меѓу Македонија и Грција.
Употребата на името, односно ерга омнес е главното прашањето на кое што, според грчките медиуми, Атина очекува позитивен одговор од премиерот Заев.
Во однос на името, и покрај тоа што ниту македонската ниту грчката страна, јавно и официјално не ги отвораат картите дали постои договор, медиумите во Грција, веќе неколку денови тврдат дека е договорено „Република Северна Македонија“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, преговорите меѓу двете земји, во изминатите денови се тема на препукувања меѓу грчката влада и опозициската Нова демократија.
Од опозициската партија, ја обвинуваат владата дека „за да се задржи на власт е подготвена да направи тешки национални отстапки“, на што од кабинетот на Ципрас одговорија дека Нова демократија се обидува да ги подели Грците и побараа одговор од конзервативната партија, дали прифаќа сложено име.