дома Македонија ДЕНЕС ЌЕ ПРОДОЛЖАТ РАЗРЕШУВАЊАТА И ИМЕНУВАЊАТА

ДЕНЕС ЌЕ ПРОДОЛЖАТ РАЗРЕШУВАЊАТА И ИМЕНУВАЊАТА

На дневен ред на денешната седница на Владата на Република Македонија ќе биде разгледувањето на предлозите за заменици министри и именувања и разрешувања на владини  функционери.

Веќе е договорено ДУИ во новата влада да ги добие заменичките позиции во МВР, oдбрана, oбразование и финансии (Агим Нухиу, Беким Максути, Висар Ганиу и Ширете Елези).

Вчера и Алијансата за Албанците ги поднесе предлозите за заменици министри во министерствата за надворешни работи, транспорт и врски и за труд и социјала (Арта Точи, Ремзи Мехмети и Елми Азири).

Откако Владата ќе ги прифати овие предлози, следува верификација на мандатите во Собранието.

Се очекува и именувањето на директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР. За Митко Чавков, досегашниот директор на БЈБ, предлог за разрешување поднесе поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, а тој во меѓувреме поднел барање за пензионирање.

Во извештајот на работната група на МВР за настаните во Собранието на 27 април, Чавков беше посочен како одговорен за настаните, бидејќи не извршил безбедносна проценка и не издал навремена наредба иако имал дојава, со што го овозможил упадот во законодавниот дом. Актуелен директор на УБК е Владимир Атанасовски, чија смена се очекува токму на денешната седница.

Се очекува и именување на државни секретари по министерствата, владин портпарол, директори на јавни претпријатија…