дома Свет ЕУ и Британија си ги средија односите за во иднина

ЕУ и Британија си ги средија односите за во иднина

epa08910808 European Commission President Ursula von der Leyen (L) and European Council President Charles Michel show signed Brexit trade agreement due to come into force on 01 January 2021, in Brussels, Belgium, 30 December 2020. EPA-EFE/JOHANNA GERON / POOL


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во име на ЕУ го потпишаа Договорот за трговија и соработка со Велика Британија (Велика Британија и Северна Ирска), кој ќе стапи во сила на 1 јануари 2021 година.

– Тоа е фер и избалансиран договор кој целосно ги штити основните интереси на Европската унија и создава стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите, рече Мишел.

Во истата прилика, европската страна го потпиша Договорот за безбедносни постапки при размена и заштита на доверливи информации со Велика Британија, како и Договорот за Атомска енергетска заедница.

Формалното потпишување на договорот со кој се регулираат идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија, по преодниот рок кој завршува на 31 декември 2020 година, доаѓа откако земјите-членки на ЕУ-27 вчера во писмена процедура го одобрија документот, договорен на 24 декември.

Поради кратките рокови и неможноста Европскиот парламент да го даде својот глас за Договорот со Велика Британија до крајот на преодниот рок, Европската комисија предложи негова привремена примена до 28 февруари 2021 година. Европскиот парламент треба да гласа за Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Велика Британија на почетокот на 2021 година.

Како последен чекор од страна на ЕУ, Советот на ЕУ мора да усвои одлука за склучување на Договорот.

Британскиот Парламент денеска ќе гласа за Договорот, а повеќето пратеници најавија дека ќе го поддржат договорениот документ.