Денес премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе се чујат телефонски за да разговараат за напредокот на преговарачкиот процес за спорот со името, дознава „Макфакс“ од високи дипломатски извори. Станува збор за долгонајавуваниот телефонски разговор меѓу Заев и Ципрас за финализирање на договорот, кој се очекуваше да се случи пред десетина дена.
Преговорите, пишува порталот, не се во фаза „земи или остави“. Синоќа двете страни предлагале можни решенија за одредени спорни прашања и ја потврдиле посветеноста за постигнување договор.
И грчкиот весник „Катимерини“ вчера потврди дека 95 отсто од преговорите се комплетирани и остануваат неколку важни детали пред да биде готов договорот. Доколку сè се одвива според планот, договорот треба да се најде во македонскиот парламент пред Самитот на ЕУ, а на референдум најверојатно во септември.