За денеска во Собранието е закажана седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да има јавна расправа за предложениот Закон за отпишување камати за наплата на долгови кои произлегуваат од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделски површини. Предлог законот веќе го помина првиот собраниски филтер односно помина прво читање, а утре освен пратеници на седницата се поканети и претставници на граѓанските здруженија.
Дел од приватните компании со кои минатата недела разговараше Фактор, а кои на месечно ниво им фактурираат сметки на граѓаните, рекоа дека се подготвени да се вклучат во бришењето на долговите.Таков став имаа и од ЕВН Македонија, од Македонски телеком, но и од телефонскиот оператор Оне Вип.
Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата. Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од осум дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот.