дома Македонија Земјоделците од светиниколско најавија пpoтест, три недели се без вода за наводнување...

Земјоделците од светиниколско најавија пpoтест, три недели се без вода за наводнување на нивите

Земјоделци од светиниколските села Мустафино и Ерџелија за утре најавија протест зашто површините, како што велат, 19 денови им се без вода. Пченката, бостанот и селските бавчи им се исушени. Бараат средба со раководството на Подружницата на Водостопанство во Свети Николе до вечер, во спротивно, утре ќе излезат на протест со трактори.

Земјоделците велат дека вода до нивите имале само неколку часови во понеделникот.

Ако браната нема вода, барем да ни кажат, да си ја собереме опремата и да работиме нешто друго. Вкупно 19 дена нема вода. Кое растение ќе издржи без вода на овие температури. Ние сакаме само вода да се пушти до нивите за можеме да си ги прехраниме семејствата, вели Дејанчо Атанасов, земјоделец од Мустафино.

Според Раководството од Подружницата на Водостопанство, не е точно дека нивите се суви 20 дена, но потврдуваат дека сега има рестрикции. Исклучен е дел од каналската мрежа за да може водата да стигне и до нивите во Лозово и Дорфулија каде уште не ни почнала сезоната за наводнување.

Има диви приклучоци и земјоделците самоволно се приклучуваат на системот. Поради сето тоа водата тешко стигнува до Лозово и затоа се одлучивме за рестрикции. На земјоделците им е кажано дека рестрикциите ќе траат по пет дена, по што пак ќе добијат вода. Не гледаме причина за протести кога имавме повеќе средби со земјоделците, велат од Подружницата Овче поле.

Проблемите со водата за наводнување и со системите се провлекуваат секоја година.