Денеска за прв пат на увид ми беше доставен постигнатиот договор меѓу Заев и Ципрас. на средбата со премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност, рече претседателот Ѓорге Иванов на денешното обраќање пред јавноста.
Тој вели, Грција ги исполнила своите максималистички барања и сега преку договорот сака да го направи на Македонците во Македонија истото што го направила на Макдонците во Грција.
-Го повикувам македонскиот народ да не се плаши. Чувајте го, негувајте го нашиот вековен идеал на непокорот. Нема да ме поколебаат со притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам ваков штетен договор, рече Иванов.
Според него, преку договорот, Грција добила се, а Македонија ништо.
-Се погазува заветот на нашите предци, оние кои со чисто срце го создаваа вековниот стремеж на нашата една и единствена Македонија. Се брише историјата за независна Македонија. Им се ускратува правото на неродените да бидат Македонци. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор. Ваквиот договор го поларизира наместо да го обединува општеството, истакна Иванов.