дома Македонија И МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ДЕЛ: Екс-ју државите си го делат дипломатско-конзуларниот имот

И МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ДЕЛ: Екс-ју државите си го делат дипломатско-конзуларниот имот

Како што соопштија од српското Министерство за надворешни работи, на продолжението на 19. состанок на Комитетот присуствувале сите овластени претставници на сите држави сукцесори на поранешна СФРЈ, меѓу кои и од Република Македонија, претставувана од Борче Дамјанов.

На состанокот, како што стои во соопштението, се разговарало за низа актуелни теми во процесот на распределба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна Југославија, како што е процесот на заедничка продажба на одреден недвижен имот, анализата на имотно-правниот статус на одделни недвижности во Анекс Б, а се разгледале можностите за постигнување на договор за понатамошната распределба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешната СФРЈ.

– Средбата заврши со усвојувањето на Резолуција и носење на конкретни одлуки на сите точки на дневниот ред – вклучувајќи ја и распределбата на еден број на недвижен имот на поранешна Југославија. Со договорот меѓу сукцесорите, на Србија и се доделени објектите на Постојаната мисија на ОН во Женева, Генералниот конзулат во Франкфурт, амбасадите и куќите во Хараре, како и резиденцијата во Конакри. Ова е прва одлука на Мешовитиот комитет од ваков вид по повеќе од 7 години – наведуваат од српското МНР.
Покрај други технички детали, на состанокот е констатирано дека заедничката продажба на недвижниот имот на поранешната СФРЈ во Њујорк (резиденцијален стан) и во Токио (амбасада / резиденција) е успешно завршена, а продажбата на недвижниот имор во Бон е во завршна фаза.

–Разгледани се и можностите за физичка поделба на т.н. големите дипломатски комплекси во Бразилија, Њу Делхи и Москва, како и во Адис Абеба, а беше донесена и одлука дека на листата на уметнички дела кои биле во ДКП на поранешна Југославија, а за чија фактичка состојба нема податоци, да се испрати до Интерпол заради потрага и преземање на дополнителни мерки во рамките на нивната надлежност – се наведува во соопштението.
Состанокот на Мешовитиот комитет во Белград е одржан во конструктивна и работна атмосфера, а покрај сложеноста на процесот на сукцесија на поранешна Југославија, компромисно е постигнат заеднички напредок и донесени се значајни одлуки за одделни прашања, наведуваат во српското МНР.

Следниот, 20-ти состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешна СФРЈ ќе се одржи до крајот на февруари следната година во Сараево.