дома Актуелно Клековски со aпел до политичарите: Следете го примерот на Бугарија, исцртајте ги...

Клековски со aпел до политичарите: Следете го примерот на Бугарија, исцртајте ги црвените линии во Собрание, обединете се за националните интереси

Аналитичарот Сашо Клековски во своето гостување во вестите на телевизија Сител истакна дека во моментов Македонија има две опции кога станува збор за нашата европска иднина.

Едната опција според Клековски е македонските политичари да го следат примерот на Бугарија и црвените линии да ги исцртаат во македонското Собрание преку заедничка резолуција и другата опција е целосно напуштање на преговорите со Европската Унија.

Kлековски потенцира дека сите политички опции треба да се обединат кога станува збор за македонските национални интереси и да се спротивстават на бугарската позиција на моќ која резултираше со вето за почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија.

-Мислам дека една резолуција во Собранието ќе ја стави црвената линија до каде било која власт, не само власта на СДСМ туку и власта на ВМРО-ДПМНЕ смее да преговара, вели Клекоски.

Според Клековски власта е таа која што треба да организира консензус по однос на спорот со Бугарија и да ги заштити националните интереси.

-Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека националниот интерес им е пред се, мора да демонстрираат способност да ги надминат теснопартиските и морам да кажам за мене прво одговорност има власта, бидејќи власта ја има моќта значи Владата, СДСМ е тој што треба да го организира и потикне изградување на заеднички позиции.

ВМРО-ДПМНЕ веќе втор ден бара поддршка од власта во Собранието да се изгласа единствен национален став кога станува збор за црвените линии во преговорите со Бугарија.