дома Колумни КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Ќе лeтaaт глaви!

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Ќе лeтaaт глaви!

Македонциии! Пред Ваши очи гледате ли, каква држава ви прави Бејли и Заев. Во највисокиот законодавен дом – Парламентот – се прави манипулација со гласањето. Не за било што, туку за најбитното, за прашања од витален национален интерес. Пратеникот Ферид Мухиќ обелодени дека бил отсутен на гласањето за промена на името, а во листингот стои дека истиот гласал. Тоа значи дека или некој имал дупликат картичка од Мухиќ, или пак дека тој му ја дал на некого да гласа наместо него. Односно, некој го додал како гласач. Најверојатно ќе е ова последното!

Слично беше и со законот за двојазичноста кога Зијадин Села и Африм Гаши од БЕСА беа избришани од листингот како да не го гласале законот, за да може ДУИ да си прави своја пропаганда, дека Алијанса за Албанците не го гласала законот за двојазичност. Откако претседателот на Собранието го избраа со 57 пратеници, навика во Парламентот стана манипулирање со гласањето. Еден ден за ова некој ќе одговара. И точно ќе се знае, кој гласал фалс, а кој пак гласал под притисок и закана.

Се слуша дека под закана биле, особено, пратеници од СДСМ кои не сакале да гласаат за промена на името но притисокот врз нив бил огромен. Некои завршиле и на кардиологија. Оваа ситуациај не е едноставна, ќе дојде време кога за ова ќе летаат глави. Со законот од 1998. година точно се знае дека преговорите за името и ваков тип на договори се исклучива надлежност на Претседателот на државата. Со ова практично Заев и Димитров направија државен удар, но без оружје и употреба на војска. Замислете, потпис на договорот стави Министерот за надворешни работи, а главниот актер Зоран Заев никаде не потпишува, и згора на тоа бара Претседателот на државата да стави потпис на указот.

Ѓорѓе Иванов очигледно си ја заслужи функцијата која што ја има, и достоинствено си ја извршува својата работа. Уште полошо за потписниците на предавничкиот договор со Грција, зборува декларацијата донесена во Парламентот, гласана од сите пратенички групи, а која се однесува на преговорите за името. Таму точно стои, за што и до каде може да се преговара. Уште во 1998. година тогашната политичка гарнитура знаела дека може да дојдат неодговорни политичари и да си направат авантура, каква што денес ја прават Заев и Димитров. Значи, оваа декларација е уште еден камен околу нивниот врат. Да има Уставен суд, како што во моментов нема, се ќе биде поразлично. Но во Македонија ќе има нова власт. Таа ќе ги постави овие прашања. А, тешко дека ќе имаат разумни одговори, актерите на овој злочин врз Македонскиот народ.

Свесни ли сме ние Македонците дека со овој договор практично овозможивме она што Грците им го направиле на Македонците во Грција, сега да ни го направат нас во Македонија. Ќе бидеме цензурирани, ќе бидеме казнувани, дури и затварани. Свесни ли сме дека со ова и овозможивме на Грција, со договор потпишан од нашата влада да се меша во внатрешните работи. Договорот оди на верификација и во ОН. Познавајќи ги Грците какви се, милитанти, неисполнување на делови од овој договор може да биде основа да не бомбардираат. И пак ќе бидеме ние виновници. Пак ќе биде притисокот врз нас. Зошто? -Затоа што не го исполнуваме договорот, меѓународно верифициран.

Новата влада која ќе дојде во Грција на чело со Мицотакис, тие нема да го прифатат овој договор. Затоа се брза се да се заврши до декември, да не спакуваат за влезот во НАТО. А, за ЕУ – ќе има нова блокада од Грците. На крајот ќе завршиме или како Централно Балканска Република, или како Република Северно од Македонија.

Ми се чудат сите. Деновиве разговарам со пријатели кои не се од Македонска националност, тие велат „…па вие сте биле овци…“. Ние мислевме – велат тие – дека државава ќе гори кога ќе се менува името, а вие си се помиривте како јагниња пред кланица.

Затоа, им давам поддршка на оние млади деца кои утре организираат протест пред Собранието на Р.Македонија, кои собираат храброст да му се спротивстават на режимот. Ќе протестираме, нема да се откажеме. На референдумот нема да излеземе. Цензус нема да има. Тоа е последната шанса Македонецот да се спаси од катастрофа.