дома Спорт Меморијален ракометен турнир во Битола: Пелистер во чест на Боро Чурлевски

Меморијален ракометен турнир во Битола: Пелистер во чест на Боро Чурлевски

Битолски Пелистер на крајот на следниот месец ќе биде организатор на меморијален ракометен турнир, кој се очекува во иднина да прерасне во традиционален. Од 30 август до 2 септември ќе бидат одиграни девет меча во СЦ „Младост“ во чест на прославениот ракометар на битолската екипа и македонски репрезентативец, Боро Чурлевски.


Ќе учествуваат шест екипи, меѓу кои и домаќинот Пелистер, а ќе бидат поделени во две групи. Во групата 1 ќе играат новиот суперлигаш Бутел Скопје, потоа турскиот Селка Ескишехир Хентбол, каде игра македонскиот интернационалец Никола Костески и финскиот шампион и учесник во Лигата на шампионите, Кокс.

 

Во групата 2, покрај Пелистер, ќе настапат францускиот второлигаш Шербур Манш, како и грчкиот шампион Олимпијакос. Организатори на овој турнир се Пелистер и Општина Битола, па љубителите на ракометот во овој град ќе имаат можност да се „загреат“ со одлични натпревари пред стартот на новата сезона.