дома Македонија НАША ГОРДОСТ: Македонец ќе го предводи светскиот шампион во женски фудбал

НАША ГОРДОСТ: Македонец ќе го предводи светскиот шампион во женски фудбал

Фудбалската федерација на Македонија му честиташе на Влатко Андоновски кој е именуван за нов селектор на американската женска фудбалска репрезентација која е актуелен светски првак.

-Баш е убаво кога добри работи им се случуваат на луѓе кои се чесни кон својата работа, кои не калкулираат и знаат што сакаат во животот! Нашиот Влатко АНДОНОВСКИ стана селектор на светскиот првак – женската репрезентација на САД. Влатко е голем господин, честитки!, стои во објавата на ФФМ.

Промоцијата на 43-годишниот тренер на Рајн од Сиетл како нов кормилар на селекцијата со четири планетарни титули, исто толку олимписки злата и осум шампионати на КОНКАКАФ е планирана за в понеделник во Њујорк.

„Спортс илустрејтид“ се повикува на повеќе извори, според кои Андоновски е далеку најпосакуваното име за нов селектор од американските репрезентативки, некои од нив изјавувајќи дека за тоа биле консултирани од генералниот менаџер на националниот тим Кејт Маркграф.

Тој треба да дебитира на клупата на САД на натпреварите со Шведска на 7 ноември и со Костарика три дена подоцна на домашен терен.

Андоновски, кој е роден во Скопје, а живее во Канзас Сити со сопругата и со трите деца, е некогашен фудбалер на Работнички, Македонија ЃП и Вардар, како и на екипи од САД, преминувајќи во тренери по завршувањето на играчката кариера.