Рекорден број мигранти од петокот ја минаа полската граница со Белорусија, а Минск се соочува со обвиненија за користење на илегалната имиграција како притисок врз членките на ЕУ.
Полска и Литванија се соочуваат со нагло зголемување на бројот на илегални мигранти во последните недели, а проблемот е толку сериозен што земјите побарале помош од ЕУ.
Поради новонастанатата ситуација, парламентот во Вилнус за утре свика вонредна седница.
Полска и Литванија го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи илегалните мигранти како средство за притисок врз ЕУ за Брисел да се откаже од санкциите воведени против режимот во Минск. Полска го налути Лукашенко со тоа што ја прими бегалката атлетичарка Кристина Тимановска, која одби да се врати од Олимпијадата во Токио во својата земја.
Полската погранична служба денеска објави дека уапсила 349 илегални мигранти кои од петокот се обидувале да ја преминат границата од Белорусија. Се вели дека мигрантите се претежно од Ирак и Авганистан. Портпаролката на службата, Ана Михалска, рече дека бројот на мигранти приведени од петокот, е рекорден.
Според неа, во саботата на преминот Кузница била приведена најголемата група од 85 мигранти.
Од почетокот на годината, приведени се 870 илегални мигранти. Спротивно на тоа, во текот на 2020 година, 122 илегални мигранти ја минале полско-белоруската граница.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ се состануваат за ова прашање на вонреден состанок на 18 август.
Лукашенко вети дека Белорусија ќе „возврати“ доколку биде нападната и им порача на западните земји дека не треба да користат санкции против неговата земја.
Лукашенко рече дека ги повикува западните земји да преговараат наместо да водат војна преку санкциите, осудувајќи ги најновите санкции на Велика Британија, велејќи дека тие „можат да им излезат на нос“.
Тој постојано нагласува дека санкциите имаат контраефект, што го покажале последните случувања на границите на Белорусија со Полска, Украина, Литванија и Летонија.
Денеска се одбележува годишнината од изборот на Лукашенко за претседател, за што опозицијата тврди дека е наместен. По изборите, избија масовни протести како најголем предизвик за Лукашенко откако стана претседател во 1994 година. Тој тврди дека праведно победил на изборите, но во исто време многу од неговите противници се затворени или принудени да заминат во егзил во странство