“Сè уште е рано за било какви предвидувања, но му посакувам успех на овој наш македонски претставник во понатамошната борба за оваа голема и престижна награда“, посочи за ВЕЧЕР Игор Иванов-Изи, претседател на комисијата која го објави националниот кандидат за најдобар долгометражен интернационален филм за Оскар 2021. Поради глобалната пандемија предизвикана од ковид-19, 93. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 25 април 2021, во Лос Анџелес.
„Врба“, шестиот филм на реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски, кој во изминатите година дена освои голем број награди и признанија на фестивалите ширум светот, е избран за македонски кандидат за Оскар. Ова воедно е и четвртиот филм на Манчевски кој е кандидиран за оваа најпрестижна филмска награда од нашата земја. Во 1995 неговиот филм “Пред дождот“ на Македонија и донесе и прва номинација за Оскар, а кандидати за ова признание беа и неговите остварувањата “Сенки“ и “Мајки“.
Одлуката за кандидирање на филмот “Врба“ за најдобар долгометражен интернационален филм ја донесе комисијата во состав Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Дејан Лилиќ – актер, Тамара Котевска – режисер, Самир Љума – кинематографер, Мартин Иванов – монтажер, Иван Ѓоршев – мајстор на светло и Сања Арсовска – актерка.
“Одлуката за избор беше донесена колегијално, како и сите претходни одлуки откога јас сум претседател на Друштвото на филмските работници, а со тоа и на оваа комисија. Секогаш се обидувам тоа да биде во духот на колегијалноста, уметноста и добрите односи и не водиме жестоки дебати, туку го бираме оној кандидат кој е најподатен во дадениот момент. Оваа година седумчлената комисија, која патем е одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, одлучи филмот “Врба“ на Милчо Манчевски да биде наш национален претставник како најподобен од понудените филмови оваа година. Сè уште е рано за било какви предвидувања, но му посакувам успех на овој наш македонски претставник во понатамошната борба за оваа голема и престижна награда“, посочи за ВЕЧЕР Игор Иванов-Изи, претседател на комисијата.
Тој исто така потсетува дека многу земји од светот кандидираат филмови за Оскар, од кои само шест ќе успеат да се стекнат со номинација. “Изборот за кандидатите во другите земји сè уште трае“, додава Иванов.
Во конкуренција за македонскиот кандидат за Оскар, пак, беа и филмовите: „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Кеиф“ во режија на Блаже Дулев и „Незо“ во режија на Мерита Чочоли.
Приказната на Манчевски за мајчинство, љубов и доверба, по светската премиера во октомври 2019 на Филмскиот фестивал во Рим, ја имаше и македонската премиера на 1 ноември 2019. Филмот, според гледаноста го надмина рекордот во Македонија.
„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди, а само изминатиов месец престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија, наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, а Манчевски беше прогласен и за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон. Филмот доби одлични критики во светските медиуми, „Скрин интернешенал“ за „Врба“ на Манчевски напиша “Величествен, трогателен и длабок филм“, а од Европската филмска академија (ЕФА) беше вклучен во селекцијата за најдобар филм на 33. Европски филмски награди.
“Врба“ кој е во продукција на „Банана филм“ е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Во него играат актерите Сара Климоска, Никола Ристески, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и Камка Тоциновски, а во останатите улоги се појавуваат Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ… и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Поради глобалната пандемија од ковид-19, 93. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 25 април 2021, во Лос Анџелес. (Д.Т.)