дома Македонија Пендаровски го потпиша Указот за Законот за автопатите во четири очи

Пендаровски го потпиша Указот за Законот за автопатите во четири очи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпишал Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија.

Од кабинетот на Пендаровски потсетуваат дека Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против.

Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти – велат од кабинетот.

Претходно денеска Државната комисија за спречување корупција побара од претседателот да не го потпишува Указот за Законот, а доколку тоа се случи најави дека следниот чекор ќе биде оспорување пред Уставниот суд.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција рече дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Притоа додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Нема јавен интерес каде што има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена по скратена постапка во Собранието да се донесува закон што е од многу важно значење за целата држава – рече Ивановска.