January 30, 2023, 8:58 am

Пливањето го зајакнува мозокот – никој не знае зошто е подобро од другите физички активности

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Не е тајна дека аеробните вежби можат да помогнат да се избегнат некои од оштетувањата на стареењето. Но, сѐ поголем број истражувања сугерираат дека пливањето може да обезбеди уникатен поттик за здравјето на мозокот.

Голем број истражувања покажале дека редовното пливање ја подобрува меморијата, когнитивната функција, имунолошкиот одговор и расположението. Пливањето, исто така, може да помогне во опоравувањето од стрес и да се создаде нови нервни врски во мозокот.

Но, научниците сѐ уште се обидуваат да откријат како и зошто баш пливањето ги предизвикува овие ефекти за подобрување на мозокот.

Нови и подобрени мозочни клетки и врски

До 60-тите научниците верувале дека бројот на неврони и синаптички врски во човечкиот мозок е ограничен и дека откако ќе се оштетат, овие мозочни клетки не можат да се заменат. Но, таа идеја била отфрлена кога истражувачите почнале да забележуваат доволно докази за раѓање на неврони, или неврогенеза, во мозокот на возрасни луѓе и други животни.

Сега постојат јасни докази дека аеробните вежби можат да придонесат за неврогенеза и да одиграат клучна улога во поправањето на оштетувањето на невроните и нивните врски и кај цицачите и кај рибите.

Истражувањата покажуваат дека еден од клучните начини на кои овие промени се случуваат како одговор на вежбањето е преку зголемено ниво на протеин наречен невротрофичен фактор. Способноста на мозокот да се промени, што овој протеин ја стимулира, се покажа дека ја зајакнува когнитивната функција, вклучувајќи го учењето и меморијата.

Истражувања кај луѓето откриле силна врска помеѓу концентрациите на невротрофичен фактор кој циркулира во мозокот и зголемувањето на големината на хипокампусот, мозочен регион одговорен за учење и меморија. Исто така, се покажало дека зголеменото ниво на невротрофичен фактор ги изострува когнитивните перформанси и помага да се намали анксиозноста и депресијата. Спротивно на тоа, истражувачите забележале нарушувања на расположението кај пациенти со помала концентрација на невротрофичен фактор.

И аеробните вежби промовираат ослободување на невротрансмитери. Еден од нив е серотонинот, кој, кога е присутен со зголемено ниво, е познато дека ги намалува депресијата и вознемиреноста и го подобрува расположението.

Но, зошто е толку посебно пливањето?

Истражувачите сѐ уште не знаат која е тајната што ја има пливањето, но се блиску до нејзино откривање.

Одамна се познати придобивките за кардиоваскуларниот систем што ги носи пливањето. Бидејќи пливањето ги вклучува сите главни мускулни групи, срцето треба да работи понапорно, што го зголемува протокот на крв низ телото. Ова води кон создавање на нови крвни садови, процес наречен ангиогенеза. Поголемиот проток на крв може да доведе до големо ослободување на ендорфин – хормони што дејствуваат како природен намалувач на болката низ телото. Овој наплив предизвикува чувство на еуфорија што често следува по вежбањето.

За да се разбере како пливањето влијае врз мозокот, истражувачите спровеле повеќе истражувања врз стаорци. Стаорците се добар лабораториски модел поради нивната генетска и анатомска сличност со луѓето.

Во едно истражување се покажало дека пливањето ги стимулира мозочните патишта што го потиснуваат воспалението на хипокампусот и ја инхибираат апоптозата, односно смртта на клетките. Истражувањето покажало и дека пливањето може да помогне во преживувањето на невроните и намалувањето на когнитивните влијанија на стареењето. Иако истражувачите сѐ уште немаат начин да ја визуелизираат апоптозата и преживувањето на невроните кај луѓето, тие забележуваат слични когнитивни резултати.

Едно од попримамливите прашања е како пливањето ја подобрува краткорочната и долгорочната меморија. За да покажат колку долго можат да траат тие ефекти, истражувачите обучиле стаорци да пливаат 60 минути дневно, пет дена во неделата. Потоа тимот ја тестирал меморијата на стаорците со тоа што ги натерале да пливаат низ лавиринт. По седум дена обука, истражувачите забележале подобрувања и во краторочните и во долгорочните спомени.

Истражувачите сугерираат дека ваквото зголемување на когнитивната функција може да обезбеди основа за користење на пливањето кај луѓе кои имаат оштетувања во меморијата предизвикани од невропсихијатриски заболувања.

Истражувања спроведени кај луѓе дале слични резултати. Во едно истражување, истражувачите заклучиле дека оние што пливале ја подобриле нивната ментална брзина и внимание во споредба со оние што не пливале.

И кај децата се забележани придобивки од пливањето

Придобивките од пливањето за мозокот се забележуваат и кај децата.

Истражувачка група неодамна ја разгледала врската помеѓу физичката активност и начинот на кој децата учат нови зборови од вокабуларот. Истражувачите ги научиле децата на возраст од 6-12 години имиња на непознати предмети. Потоа тие ја тестирале нивната точност при препознавање на овие зборови во три активности: боење (активност во мирување), пливање (аеробна активност) и вежби слични на „крос-фит“ (анаеробна активност) во период од три минути.

Тие откриле дека точноста на децата е многу поголема за зборови што тие ги научиле по пливањето во споредба со боењето и крос-фитот. Ова покажува јасна когнитивна корист од пливањето наспроти анаеробните вежби, иако истражувањето не го споредило пливањето со други аеробни вежби.

Во овие наоди е покажано дека пливањето дури и за кратки временски периоди е корисно за младите мозоци во развој.

Деталите за времето или потребните кругови, како и стилот на пливањето и какви когнитивни адаптации и патеки се активираат со пливањето и понатаму се разработуваат. Но, невролозите се многу поблиску до откривање на тајните.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This