дома Европа Поларниот студ и снежната бура во Европа однесоа девет животи- хаос во...

Поларниот студ и снежната бура во Европа однесоа девет животи- хаос во Романија, Украина, Полска, Албанија…

Најмалку девет лица настрадаа во снежната бура која со силен ветер зафати големи делови од Европа, каде се блокирани патишта, откажани бројни летови, а многу домаќинства останаа без струја.

Во Полска во последните 24 часа загинаа 5 лица, од кои тројца се смрзнале, додека двајца починале од труење со јаглероден моноксид поради неисправни греалки, соопштија властите.

Температурите паднаа под 25 степени на југот на земјата, а силината на ветерот достигнува и до 90 километри на час. Повеќе од 2.000 домаќинства останаа без греење во областа Рибњик на југоистокот од Полска.

Во соседна Украина властите наведоа дека четири лица починале од студ во регионот Лвов, кај границата со Полска, пренесува АП.

Во Романија, повеќе од 90 лица се извлечени од автомобили на патиштата, а во тек е евакуација на уште 30 возила на главнот автопат. Поради снегот, откажани се над 40 железнички линии.

Романските власти спасиле уште 622 лица на кои им е неопходна дијализа, како и 126 трудници.

Скоро сите патишта на североистокот од Бугарија се затворени за сообраќај, додека во соседна Романија компанијата „Нуклеаелектрика“ на Дунав го изгаси својот прв реактор.

Бугарските власти соопштија дека поради проблеми со снегот, без струја останале 770 места кај нашиот источен сосед. Во Бугарија затворени се и делови од автопатот „Тракија“ на југоистокот од земјата, како и сите патишта во североисточниот појас, додека во Романија е затворен главниот автопат А-2, кој ги поврзува Констанца и Букурешт.

Поради лошите временски услови, затворен е и аеродромот во бугарскиот град Варна на Црното море, а одложени се и десеттина летови од меѓународниот аеродром во Букурешт.

Во Романија од 13 чаот сообраќајот е запрен на 58 национални патишта и на автопатот Букурешт- Констанца поради обилните снежни врнежи, а ограничено е движењето за возила над 7,5 тони, пренесува „Аџерпрес“.

Снежната бура парализираше и многу локални и регионални патишта, воглавно на северот од Албанија, а метеоролозите најавија влошување на временските прилики во текот на ноќта. Снегот предизвика и прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата на северот од Албанија, кај Скадар, пренесува АТА.

Поради снежни наноси и силен ветер затворени се и патишта во централна Италија, а откажани се и поаѓања на некои траекти. Снег падна дури и во Наполи.

Поради лошите временски услови откажани се и 192 домашни и меѓународни летови на компанијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул, планирани за утре, пренесува „Танјуг“.