дома Балкан ПУТИН: Турски тек ќе биде целосно оперативен до крајот на 2019 година

ПУТИН: Турски тек ќе биде целосно оперативен до крајот на 2019 година

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека турскиот гасовод „Турски тек“ ќе биде целосно оперативен до крајот на 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Турски тек“ е гасовод за пренос на природен гас преку Црното Море од Русија до Турција, кој се состои од две линии во должина од 930 километри, секоја со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри.

Првата линија е намената за снабдување со гас на турските консументи, додека втората линија со гас ќе ја снабдува јужна и југоисточна Европа.

Путин за српските весници „Политика“ и „Вечерње новости“ пред неговата посета на Белград изјави дека руската компанија „Газпром“ разгледува различни опции за понатамошно транспортирање на гасот на „Турски тек“ во Европа.

„Една од опциите е да пренесува гас преку Бугарија, Србија и Унгарија до гасниот центар во Баумгартен, Австрија. Во овој случај, Србија не само што ќе го користи рускиот гас, туку и ќе го олесни неговиот пренос. Ова многу ќе ѝ придонесе на српската економија, ќе создаде нови работни места и ќе ја зајакне енергетската безбедност во земјата и пошироко, во централна и југоисточна Европа“, изјави тој.

Конечната одлука ќе се донесе во зависност од ставот на Европската Унија.

„Русија има потреба од гаранции дека плановите за продолжување на „Турски тек“ нема да бидат спречени со арбитрарна политичка одлука од страна на Брисел“, рече тој.