“Кога Козирев пристигна во Белград во 1992 г., се најде под синхронизиран притисок од страна на грчката дипломатија во Москва и оној што дојде од Милошевиќ и неговиот режим. Излез од таа состојба Козирев побара во прекинувањето на турнејата и откажувањето на посетата на Македонија…
Козирев пет-шест дена потоа ја посети Македонија.
При посетата го извести македонското раководство и јавноста дека Русија донела одлука да ја признае Македонија, но при посетата не ја предаде нотата со која Р. Македонија официјално се известува за признавањето.
Со тоа Козирев во Македонија не постапи на начин како што постапуваше кога ги посетуваше Словенија, Хрватаска и Босна и Херцеговина, туку на крајот на својата посета рече дека нотата за признавањето на Македонија ќе ја испрати штом ќе се врати во Москва. Тој се врати…,но нотата не дојде… минаа јуни и јули 1992 г., нота немаше.
Во почетокот на август 1992 г., при посетата на претседателот на Русија Борис Јелцин на Бугарија, состојбите се променија.
Со упорниот и аргументиран настап на бугарскиот претседател Жељу Желев, отпаднале резервите… и рускиот претседател решил веднаш да ја признае Македонија. Одлуката ја донел уште кога се наоѓал во Бугарија и веднаш од Софија го испрати заменикот на Козирев, Виталиј Чуркин во Македонија, кој на 5 август му ја предаде нотата за признавањето на министерот за надворешни работи на РМ Денко Малески… Тој настан беше од огромно значење за Република Македонија, меѓу другото и затоа што Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име…“
Инаку, Жељу Желев како пријател на Македонија, за времето на своето претседателствување на Бугарија, беше првиот државник и Бугарија е првата држава која ја призна независноста на Република Македонија под нејзиното уставно име, а нешто подоцна лобираше кај тогашниот руски претседател Борис Јелцин и Русија набргу ја призна независноста на Република Македонија под уставното име.
За разлика од Руската Федерација, која ја призна Република Македонија под уставното име како прва светска супер сила, Соединетите Амеркански држави тоа го направија цели 13 години подоцна, и тоа како „награда“ за потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор и спроведувањето на територијалната реорганизација.