дома Занимливости Том Круз нема да глуми во продолжението на „Jack Reacher“ бидејќи е...

Том Круз нема да глуми во продолжението на „Jack Reacher“ бидејќи е премногу низок

Холивуд е многу сурово место, дури и за најголемите ѕвезди, а Том Круз го откри ова на потешкиот начин. Тој нема да се појави во продолжението на филмот „Jack Reacher“ поради тоа што е премногу низок за улогата.

Авторот на книгата „Jack Reacher“ и воедно креаторот на истоимениот лик, Ли Чајлд, вели дека главната улога не може да му припадне на Том Круз бидејќи ликот на Џек Ричер е замислен како маж кој е висок најмалку 190 сантиметри.

„И покрај неговиот талент, тој ја нема висината потребна за оваа улога“, изјави Ли Чајлд за BBC.

Авторот потенцираше дека уживал додека работел со Том Круз за време на снимањето на двата дела од филмската франшиза „Jack Reacher“, но дека не може да ги изневери фановите кои очекуваат улогата да му припадне на актер со помоќно физичко присуство.

„Кога ќе го видите, треба да се заплашите од него. Тоа не се случува кога првпат ќе го погледнете Круз и затоа одлучив дека треба да продолжиме без него. Нема да снимаме повеќе филмови со Том и ќе одбереме некој потполно нов актер за улогата“, изјави Чајлд.

Том Круз за првпат се појави во улогата на Џек Ричер во 2012 година и филмот доби многу позитивни критики и заработи 218 милиони долари на боксофисот. Меѓутоа, второто продолжение од франшизата го немаше истиот успех и заработи само 162 милиони долари.