дома Хроника Цел свет тагува со Македонија, телеграми со сочувства пристигнуваат од сите страни

Цел свет тагува со Македонија, телеграми со сочувства пристигнуваат од сите страни

Сочувства за загубата на 15 лица во несреќата која ја зави во црно цела Македонија доаѓаат од цел свет.

Германскиот амбасадор Томас Герберих, испрати телеграма со сочувство до премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче во која изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите во сообраќајната несреќа што се случи вчера попладне на автопатот Скопје – Тетово.

„Длабоко ме погоди веста за тешката автобуска несреќа на автопатот Скопје-Тетово што се случи вчера вечер. Ви изразувам најдлабоко сочувство и од името на германската Амбасада. Нашето длабоко сочувство го упатувам особено до семејствата на жpтвите“ – пишува во телеграмата.

Трагедијата допре и до еврокомесарот Јоханес Хан. Утешни зборови до државата и семејствата на загинатите испрати и тој.
„Сочувствуваме со семејствата и пријателите на жртвите и повредените“, пишува на Твитер еврокомесарот по сообраќајката кај Карпалак.

Телеграма со сочувство дојде и од Министерството за надворешни работи на Република Турција.
Во телеграмата на турското МНР се вели:

„Со тага ја примивме веста дека синоќа, на релацијата Скопје – Тетово, се случила сообраќајна несреќа, во која загинаа 14 лица и има голем број повредени. На семејствата на загинатите и на нашиот братски народ на Македонија им изразуваме сочувство, а на ранетите им посакуваме брзо закрепнување.“

Во автобуската несреќа меѓу селата Карпалак и Ласкарци вчера околу 17 часот животот го загубија 14 лица, а 37 беа повредени, од кои седум во тешка здравствена состојба.