дома Европа Шпанија ги отвара границите за Македонците, но вакцинираните со руска вакцина нема...

Шпанија ги отвара границите за Македонците, но вакцинираните со руска вакцина нема да можат да влезат во земјата

Шпанија ќе им дозволи на луѓето кои не се од земјите членки на Европска унија, а кои се вакцинирани против ковид-19, да влезат во Шпанија од 7 јуни, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.

-Новото правило ќе се применува на вакцинираните патници без разлика која е нивната земја на потекло, рекол Санчез, пренесува агенцијата Ројтерс.

Неопходно е меѓутоа, тие да имаат сертификат кој докажува дека тие примиле вакцини кои се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) или Светската здравствена организација (СЗО). ЕМА засега ги има одобрено вакцините на „Фајзер“, „Астра-Зенека“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, додека СЗО ја одобри кинеската вакцина на „Синофарм“ за итна употреба, додека руската вакцина „Спутник В“ засега не е на ниту една листа.

Санчез најави и дека од 24 мај Шпанија ќе им дозволи на туристите од земјите кои не се членки на ЕУ, а кои се сметаат дека носат мал ризик од зараза, да влезат во Шпанија без негативен ПЦР тест.

На таа листа меѓу останатите ќе бидат Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Израел.