Наместо во ресторан денеска во Тетово свадбата на “новиот ѓубреџиски пар” се одржа на градскиот плоштад, а гостите, членови на невладини организации, наместо пликоа, за подарок донесоа вреќи со ѓубре собрани изутрината во градот. Не изостана ни честењето на музичарите, но не со пари, туку со маски како заштита од лошиот мирис од отпадот.
На Ѓубреџиската свадба беа поканети сите жители на Тетово. Како што пристигнуваа, на младоженците им подаруваа кеси со разновиден отпад.
„Ѓубрето кое беше подарено на младожениците беше собрано од невладините организации од повеќе локации од градот во рамки на акцијата – Ракавици, Кеси, селекција сите во една Еко акција. За неполн час велат, секој учесник собрал по една голема кеса со отпад. Ова е доказ дека смет низ градот има премногу и целта е да се влијае на еколошката свест, но и ажурноста на властите околу собирање и транспортот на отпадот“, кажа Бујар Љума – организатор на Ѓубреџиска свадба.