дома Балкан АМЕРИКАНЦИТЕ ГО УБЕДИЈА ХАРАДИНАЈ: Подготвен е да разговара за слободна трговија со...

АМЕРИКАНЦИТЕ ГО УБЕДИЈА ХАРАДИНАЈ: Подготвен е да разговара за слободна трговија со Србија!

„Косово е подготвено да разговара за слободна трговија со Србија“. Ова го изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај по средбата со заменик-државен секретарот за политички прашања на САД, Дејвид Хејл, пишува приштинскиот весник „Газета Експрес“.

Косовскиот премиер соопшти дека разговарал со американскиот дипломат за потребата од дијалог меѓу Косово и Србија.

Американскиот претставник вчера имале средби со претседателот Хашим Тачи, спикерот во парламентот Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

По средбата, Харадинај во пост на социјалната мрежа „Фејсбук“ соопшти дека му потврдил на Хејл дека Косово е подготвено да го продолжи дијалогот со Србија.

„Споделив дека сме подготвени за дијалог и ја повикуваме Србија да се врати на преговарачката маса за да дискутираме за сите отворени прашања, вклучувајќи ја и слободната трговија, и да постигнеме договор, кој ќе доведе до признавање на државата во сегашните граници“, пишува Харадинај во социјалната мрежа.

Харадинај во публикацијата не го спомна прашањето за давачките што ги воведе косовската влада за целиот увоз од Србија и Босна и Херцеговина.

Посетата на Хејл во Косово беше широко коментирана како обид на висок официјален претставник на САД да ја убеди Приштина да ги укине царините за српската стока, за дијалогот со Србија да може да се продолжи.

Харадинај се спротивставува на барањето на САД по однос на ова прашање, велејќи дека тие ќе бидат укинати само откако Србија ќе ја признае независноста на Косово.