дома Македонија Бежоска на состанок со претставници на ММФ

Бежоска на состанок со претставници на ММФ

Прашањето за финансиската стабилност, како цврст столб на македонската економија, поткрепена со стабилен банкарски систем, како и значењето да се прави постојана процена на идните текови и очекувања кои произлегуваат од корона кризата, се дел од темите за кои се разговарало на состанокот со директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Од Народната банка на Република Македонија соопштија дека на состанокот учесниците констатирале дека пандемијата ја нагласи потребата од силни и независни централни банки што ќе овозможат поддршка при управувањето со кризата, во рамките на своите надлежности. На состанокот било нагласено дека особено важно е понатамошното унапредување на правната рамка за Народната банка, што ќе овозможи целосна независност, како предуслов за натамошно успешно остварување на нејзините цели.

-Посебно внимание му беше посветено и на прашањето за финансиската стабилност, што се покажа како цврст столб на македонската економија, поткрепена со стабилен банкарски систем. Со оглед на продолжената пандемија и зголемената неизвесност, беше нагласено дека од суштинско значење е да се прави постојана процена на идните текови и очекувања, при што мерките и одлуките за финансискиот сектор треба да бидат превентивни. Пример за тоа е последната одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда, се наведува во соопштението на НБРМ.

Од НБРМ информираат дека во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка бил одржан состанок и со резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.