дома Македонија „Бенефитите“ од ЕУ: Животните трошоци во Бугарија речиси 2,5 пати повисоки од...

„Бенефитите“ од ЕУ: Животните трошоци во Бугарија речиси 2,5 пати повисоки од Македонија

Животните трошоци на четиричлено домаќинство во Бугарија за септември изнесувале 2.472 лева (1.264 евра), соопшти Конфедерацијата на независни синдикати на Бугарија (КНСБ).

За Софија, пак, потребната минимална сума пари за семејство од четири члена да помине еден месец е 3.259 лева, покажува анализата на Институтот за синдикални и социјални истражувања на КНСБ.

Кога ќе се споредат овие бројки со синдикалната минимална кошница за септември од 32.671 денари (530 евра) според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), излегува дека животот кај источниот сосед е речиси 2,5 пати поскап од тука.

Разликата е уште подрастична ако се земат предвид фамозните 17.000 денари (275 евра), со кои министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред една седмица предизвика одиум во јавноста, а таа се бранеше дека станува збор за „лајкин индикаторите“ на Државниот завод за статистика, а не за нејзин став.

Според КНСБ, над 72 проценти од домаќинствата во Бугарија живеат со приходи по лице под неопходните вкупно 2.472 лева.

Уште полоша е состојбата на пензионерите, од кои дури 1,3 милиони имаат пензии под прагот на сиромаштијата. Од 1 јули 2020 година е најавено зголемување на минималната пензија од сегашните 220 лева на 250.