дома Бизнис БИЗНИС-СЕКТОРОТ ПРЕДУПРЕДУВА: АДВОКАТИТЕ ЌЕ ИМ ЈА ЗЕМАТ РАБОТАТА НА ПРАВНИЦИТЕ ВО КОМПАНИИТЕ

БИЗНИС-СЕКТОРОТ ПРЕДУПРЕДУВА: АДВОКАТИТЕ ЌЕ ИМ ЈА ЗЕМАТ РАБОТАТА НА ПРАВНИЦИТЕ ВО КОМПАНИИТЕ

Голем број правници вработени во приватните фирми ќе останат без работа ако компаниите ангажираат адвокати за спроведување на нотарските платни налози и извршувања.

Измените на законите за нотари и за извршување што треба да стапат во сила од 1 јануари 2017 година, предвидуваат сите фирми, без исклучок, за предметите пред нотар или извршител вредни над 10.000 евра да ангажираат адвокат или адвокатско друштво однадвор.
Бизнис-заедницата вчера предупреди дека ваквиот начин на работа ќе ги зголемиш трошоците и затоа бара постапките да ги вршат правните служби на компаниите.
“Ангажирањето надворешни соработници за сметка на веќе постојните правни служби во компаниите, нема да значи подобро и поквалитетно завршена работа, напротив. Тоа ќе биде дополнителен финансиски товар за фирмите, што ќе предизвика реорганизација и негативни импликации врз работењето”, истакна Елена Милевска-Штрбевска, директор во Стопанската комора.
Според анкетата што ја спроведе Комората, од вкупно прашани 226 компании во различни дејности, 61,5 отсто имаат сопствена правна служба со по седум-осуммина вработени, од кои најмалку петмина се со положен правосуден испит.
“Тоа покажува дека правниците во компаниите се компетентни. Од друга страна, тие се и многу подобро запознаени со активностите на својата компанија отколку кој било друг надворешен соработник што евентуално би бил ангажиран за некоја од постапките”, нагласи Милевска-Штрбевска.
Пресметките велат дека трошокот на компаниите за адвокатите за само еден предмет би изнесувал дополнителни 700 до 12.600 денари. Но, покрај овие, плус трошоци ќе имаат и за нотарите и за извршителит.