дома Македонија ВЕЌЕ НЕ НАРЕКУВААТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Коѕијас го направи сефтето на новото име...

ВЕЌЕ НЕ НАРЕКУВААТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Коѕијас го направи сефтето на новото име на самит во Родос

Толку беше од владините приказни дека со договорот со Грција е заштитен македонскиот идентитет како Македонци. Требаше да поминат само четири дена од неговото потпишување за да станеме Северномакедонци! А, кумот не е никој друг, туку грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

Како што пренесува државната МИА, тој на конференцијата за стабилност и безбедност, што се одржува на Родос, изјавил оти посакува договорот од Преспа да се имплементира и да биде светол пример за решавање на проблемите во регионот. Според него, со постигнатиот компромис двете страни покажале дека „никој не може да го презира другиот и никој не може другиот да го стави во ќош“.

– Не можеме да живееме со реваншизам и иредентизам. Потребно ни е да го прифатиме постоечкото и да најдеме правила за да живееме заедно. Ова го покажа и го покажува договорот од Преспа, кој посакувам да се имплементира и да биде светол пример за сите проблеми во нашиот регион, договорот покажува дека овде немаме спротивставеност меѓу Северномакедонците и Грците, туку имаме спротивставеност, и ова важи за сите конфликти, меѓу силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист, изјавил Коѕијас.

Според дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија коментирал дека третата Конференција на Родос оваа година има најголем број учесници, а меѓу поканетите, за прв пат бил и неговиот македонски колега, но не можел да дојде бидејќи, како што рекол Коѕијас, „Никола Димитров имаше „битка“ во Собранието за Договорот што го потпишавме“.

Дипломатската вештина на Коѕијас и овојпат доаѓа до израз. Зашто, вниманието го префрла на „силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист„, а не на суштинското прашање за Македонците и нивниот идентитет. И се случува токму она на што предупредуваа(т) сите-и домашните експерти, и граѓаните, и политичките партии дека со менувањето на името на државата се менува и идентитетот на Македонците. Зашто штом Коѕијас еднаш нè нарече Северномакедонци, повеќе од сигурно е дека тоа ќе го прифатат сите.

Само премиерот Зоран Заев и неговите партиски послушници не убедуваа(т) во спротивното. Сега, пред најавениот референдум, останува да видиме со какви контрааргументи ќе се напаѓаат сите сетила на веќе прекрстените Македонци во Северномакедонци.