дома Македонија (Видео)БРАНКО ЈА ИЗБЕГНУВАШЕ СЕВЕРНА: Екс претседателот и премиер Црвенковски ја избегнуваше придавката...

(Видео)БРАНКО ЈА ИЗБЕГНУВАШЕ СЕВЕРНА: Екс претседателот и премиер Црвенковски ја избегнуваше придавката „Северна“ во својот говор

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски за разлика од неговите наследници Зоран Заев и Стево Пендаровски избегнува да го користи новото име на државата „Северна Маедонија”.

Во неговото денешно обраќање на регионалната конференција насловена „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, Црвенковски не го спомна новото име на државата, а во неколку наврати ги користеше термините „македонски народ” и „Македонија”.

Тој потсети дека отстапката со уставното име била болна и драматична сè со единствена цел, да се одблокира пристапот кон Унијата.

– Недобивањето на датум за почеток на преговори во јуни, или јули нека биде сеедно, ќе предизвика, големо разочарување и тоа сакам отворено да го соопштам сериозно нарушување на кредибилитетот на Европската Унија и на македонската влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја. – рече Бранко Црвенковски – поранешен претседал на Македонија.
Црвенковски не излезе на референдумот за промена на името на земјата под изговор дека бил избришан од Избирачкиот список.

На конференцијата во чиј фокус беше проширувањето на ЕУ учествуваа поранешни лидери на сите земји од регионот. Едногласни беа пораките дека земјава заедно со Албанија заслужува датум за отпочнување на преговори. Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор кажа дека пристапувањето не е лесно, но на земјава треба да и се даде шанса. Поранешниот претседател на Црна Гора, пак, Филип Вујановиќ предупреди и за опасностите, ако ЕУ не остане доследна на политиката за проширување.

Учесниците на конференцијата усвоија заедничка декларација со која ја повикуваат Европската Унија да ги поддржи напорите на земјите-аспиранти од Западен Балкан. Документот ќе биде испратен до највисоките институции на Унијата.