дома Актуелно (Видео)ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА КОНФЛИКТОТ ВО ГОСТИВАР: Амнезија и лицемерие – од...

(Видео)ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА КОНФЛИКТОТ ВО ГОСТИВАР: Амнезија и лицемерие – од 9 јули 1997 до 11 октомври 2016 година!

За тие со амнезија, да се потсетиме на настаните на 9 јули 1997 во Гостивар и Тетово. Македонската полиција се судри со демонстранти во Гостивар и во Тетово. Повод беше симнувањето на албанските знамиња пред општинските згради на Гостивар и Тетово, незаконски истакнати од општинските градоначалници. Епилог: тројца полицајци повредени, на страната на демонстрантите четворица мртви и седумдесет повредени. Градоначалниците на Гостивар Руфи Османи и на Тетово Алајдин Демири беа осудени на по тринаесет години затвор, подоцна амнестирани со Закон што го донесе ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. За време на демонстрациите претседател на државата беше Киро Глигоров, премиер на коалиционата влада меѓу СДСМ и ПДП беше Бранко Црвенковски, министер за внатрешни работи Томислав Чокревски, а министер за надворешни работи Љубомир Фрчкоски.

Полициските рации во Гостивар започнаа уште доцна вечерта на 8 јули 1997 кога најпрвин беше исклучена струјата, а потоа полицијата изврши упади во неколку ноќни барови.

На 9 јули 1997 на околу пладне на гостиварскиот плоштад неколку илјадна толпа луѓе излегоа на “мирни“ протести веејќи албански и турски знамиња, можеа да се забележат и исламистички и саудиски. Пред насобраната толпа говореше Руфи Османи, а толпата скандираше навредливи слогани и “Албанија, Албанија“. Причината за овој протест беше одлуката на Уставниот суд против користење на албанското знаме на јавните места во Републиката.

Истиот ден, околу 15 часот, во Гостивар пристигнаа специјалните единици на Македонската полиција од повеќе општини, од Прилеп, Битола, Скопје, Штип и други краеви, започна акцијата за отстранување на албанските знамиња. Меѓутоа, “мирните“ протести го покажаа своето вистинско лице кога низ градот беа испукани рафали од автоматско огнено оружје, по што полицијата соодветно возврати. Низ градот се случуваше хаос и тотална бркотница.

По апсењата и упадите во неколку куќи, кон крајот на денот пред општините се развеа државното македонско знаме, претходно албанското беше симнато, а градоначалниците на Гостивар и Тетово беа уапсени. Тие неколку денови полициски час беше во сила во Гостивар и во Тетово.

На 10 јули, повторно имаше насилни демонстрации околу употребата на албанското знаме, со пукање од двете страни во Гостивар, што резултираше со биланс од седумдесет повредени демонстранти, вклучувајќи и тројца полицајци. Во јули, двете албански партии, ПДП и НДП, одржаа заеднички конгрес во Тетово, којшто одлучи да формира своја парамилитарна полиција со црни униформи, кои потсетуваа на албанските сили од времето на Втората Светска Војна.

Градоначалниците Руфи Османи и Алајдин Демири поради кривично дело кршење на Уставот и законите беа осудени на по 13 години затвор, подоцна помилувани од коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Руфи Османи поднесе тужба против Македонија во Судот за човекови права во Стразбур, но истата беше отфрлена…

… Денес, на 11 октомври 2016 година, на денот на востанието на Македонскиот народ, на одбележувањето на 75 годишнината од национално-ослободителната и анти-фашистичката војна на Македонскиот народ за ослободување и обединување на Македонија, СДСМ протестираше низ скопските улици со државното знаме на Македонија и државното знаме на Албанија. Тоа е дел од кампањата за двојазичност на Македонија и нејзина федерализација. Станува збор за тестирање на јавноста. Неспорна е уставноста и законитоста, што значат борба против корупцијата во власта, но тоа како алиби за двојазичност на Македонија и нејзина федерализација е неприфатлива опција, дали Албанците ќе влезат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, затоа што губат Македонците и по род и по државјанство! Затоа, НЕ, на ревизија на Охридскиот рамковен договор!

За жал, очигледно на сцена, се разбира со цена, е амнезијата и лицемерието… Затоа и неопходноста од потсетувањето… Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето…

За волја на вистината, истиот ден, на 9 јули 1997 година, Владата изврши девалвација на денарот, се измени девизниот курс на националната валута: 1 германска марка од 26 денари, почна да се менува за 31 денари! Вниманието на народот и јавноста од девалвацијата на денарот, беше свртено кон тензиите со албанските знамиња во Гостивар и во Тетово… Владината операција помина многу глатко… Се вели, ништо не е случајно, а ако е, тогаш е многу добро испланирано!

Пишува:
Тодор Петров