дома Македонија (Видео) Бугарија не го менува ставот за „еден народ, две држави“, македонските...

(Видео) Бугарија не го менува ставот за „еден народ, две држави“, македонските експерти бараат реципроцитет

Вметнувањето на бугарската заедница во Уставот не е невозможно зашто веќе имаме таква пракса. Но, експертот Александар Кржаловски вели дека тоа нема да реши проблемот меѓу Скопје и Софија бидејќи барањата од Бугарија се зголемуваат и нема гаранција дека со исполнување на ова барање на Софија ќе се деблокира европскиот пат на Македонија, објавува Сител.

-Ако се бара од нас промена со вклучување на етничкото малцинство Бугари во Уставот, што не би било проблем за нас зашто имаме веќе такви случаи, но зошто тоа не се направи во Бугарија. Изговорот досега е дека тоа не е предвидено во бугарскиот Устав. Па не е предвидено и во нашиот. Да било предвидено ќе сме ги ставеле и Бугарите. Значи ние мораме да направиме измена на нашиот Устав за да се внесат тие. Зошто да не направат и Бугарите измена во нивниот Устав по тој принцип на реципроцитет. И сметам дека тие треба први да го направат тоа, да ни покажат дека тоа е европска пракса, вели Кржаловски.

Кржаловски смета дека бугарската политика сега е насочена да и покаже на меѓународната заедница дека Македонија го прави целиот проблем за да го намали притисокот од западните држави.

Сепак, бугарскиот новинар Ангел Петров вели дека промена на бугарскиот Устав не е возможна бидејќи таму ниту турската заедница, која е најзастапено малцинство не е вметната во Уставот. Петров смета дека сепак, впишувањето на Бугарите во Уставот нема да значи дека во јавноста ќе исчезне фразата „Еден народ – две држави“.

-Таа фраза „Еден народ – две држави“ до некаде е болна тема за Бугарија. Јас не мислам дека која било одговорна влада ќе ја застапува таа теза зашто секоја официјална бугарска политика разбира дека на крајот на краиштата ние сме два одделни народи. Се разбира, јавното мислење, учебниците, општествениот дискурс е таков што сфаќа дека Македонците не се Бугари, а ние знаеме дека не се Бугари, тогаш тие се потомци или на некој начин се поврзани. Т.е. доминантниот дискурс нема да исчезне со едно впишување, вели Петров.

И премиерот Заев и министерот Османи се на став дека впишувањето на бугарската заедница во Уставот не е проблем, а шефот на дипломатијата смета дека Софија се поместува од фразата „Еден народ, две држави“.