дома Свет (Видео) Убиeни тројца полицајци и член на обезбедување пред француската амбасада во...

(Видео) Убиeни тројца полицајци и член на обезбедување пред француската амбасада во Танзанија

Напаѓач вооружен со автоматска пушка уби тројца полицајци и член на приватно обезбедување пред зградата на француската амбасада во главниот град на Танзанија, Дар ес Салам, пред да биде убиен, соопшти денеска полицијата.

Нападот и жртвите ги потврди главниот полициски инспектор Симон Сиро во краткото видео објавено на информативниот портал Милард Ајо во Танзанија, пренесува Хина.

Полицијата се обидува да го идентификува напаѓачот, додаде инспекторот.

Уште шест лица се повредени во нападот, а мотивите за него не се познати, изјави полицискиот командант Либератус Сабас.

– Истрагата е во тек, ги повикуваме жителите да останат смирени, додаде тој.

Претседателот на Танзанија Самија Сулуху Хасан испрати сочувство до семејствата на жртвите и рече дека е шокирана од убиството на полицајците и чуварот.