Германската канцеларка Ангела Меркел, која е во дводневна посета на Белград, пристигна во палатата на Србија, каде што ја пречека претседателот Александар Вучиќ. На Меркел и беше примен свечен пречек, со стража, пеење на химните на двете земји и почесна стрелба.
За време на интонирањето на химната, Меркел седеше од, како што е објаснето, здравствени причини, што не е првпат за време на нејзините официјални посети.
Претседателот на Србија ќе подготви и работна вечера за германската канцеларка.
Главните теми за разговор се очекува да бидат европската интеграција, економската соработка и инвестициите, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Кога канцеларката влезе во службениот автомобил, Вучиќ повторно и се обрати на Меркел на германски јазик, велејќи: „Се гледаме наскоро“.
Инаку, ова е последна посета на Меркел на Србија како канцелар. Таа наскоро ќе ја напушти функцијата и ќе се повлече од политичкиот живот.
По Белград, Меркел ќе замине за Тирана, каде што ќе се сретне со премиерите на земјите од Западен Балкан.