дома Македонија Владата ќе спроведе итна истрага за тokcичниот мазут

Владата ќе спроведе итна истрага за тokcичниот мазут

Владата на денешната седница, според соопштението, испратено до медиумите информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ ја оцени како вонредна и итна, поради што била донесена одлука Внатрешна контрола на Царинската управа да спроведе контрола за информациите за увозениот токсичен мазут.

Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и ја потврди силната и одлучна заложба дека нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата, на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси заклучи дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола. Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен – велат од Владата.

Владата дала задолжение Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати. Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди. Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена. Владата редовно ќе ја информира јавноста за сите нови информации поврзани со увозот на нафтените деривати за кои беа изнесени сомневања – стои во соопштението на Владата.

Ваквата одлука на Владата ИРЛ објави дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.