Денеска на иницијатива од пратениците доктори на ВМРО-ДПМНЕ, а со поддршка и од останатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, во Собранието на Република Македонија поднесуваме Закон за докторска дејност, информираше на денешната прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме говорот на Ѓорѓиевски:
Денеска на иницијатива од пратениците доктори на ВМРО-ДПМНЕ, а со поддршка и од останатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, во Собранието на Република Македонија поднесуваме Закон за докторска дејност.
Како најголема придобивка од донесувањето на овој Закон за докторска дејност е предвиденото вреднување на докторскиот труд односно утврдување на висината на платата преку колективен договор, која што би ја земале општите доктори и докторите специјалисти од примарно, секундарно и терцијално здравство.
Имено, со овој закон се предвидува платата на докторите специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето плата, додека пак платите на општите доктори да изнесува две и пол просечни плати односно 56.000 денари нето плата.
Покрај утврдување на висината на платите на специјалистите и општите доктори, Со овој закон нудиме и системско решение со кое ќе се подобри квалитетот на здравствениот кадар, квалитетот на здравствените услуги за граѓаните и ќе се спречи одливот на здравствените мозоци во странство.
Исто така, многу важно е да се напомене дека овој закон е работен во консултација со Лекарската комора, Здружението на лекари и Синдикатот.
Оттука, како пратеници, сигурни сме дека со ова законско решение најмногу добива македонското здравство преку поквалитетни услуги на докторите и посветеноста во односот на докторите кон пациентите.
Бидејќи во предизборието од страна на СДС на оваа фела и се ветуваа промени во работењето и валоризација на трудот на докторите, ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме да го дадеме нашиот допринос со овој мотивациски и стимулативен закон како конструктивна опозиција, се со цел да се подобри дигнитетот и достоинството на оваа фела.
Исто така, сакам да нагласам дека со овој предлог закон се заокружува еден огромен пакет на мерки на ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на здравството во нашата држава каде покрај инвестициите во набавка на современа опрема низ сите здравствени установи во Република Македонија, реновирање и изградба на нови здравствени објекти, стручната доедукација на кадрите во Република Македонија и странство и мотивацијата на здравствениот кадар се со цел поуспешно и поквалитетно здравство за граѓаните на Република Македонија.
Почитувани,
Сега СДС е на потег.
Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, очекуваме од парламентарното мнозинство на чело со СДС да го поддржат овој закон поради тоа што беше ветено од нивна страна во предизборниот и постизборниот период.
Затоа, очекуваме нивна поддршка, бидејќи сметаме дека ова е позитивна мерка и се надеваме дека веќе од август или септември оваа година докторската фела ќе може да го почувствува зголемувањето на платите.