дома Македонија ВМРО-ДПМНЕ избира нов претседател на УМС – Јаулески ги повика сите заинтересирани...

ВМРО-ДПМНЕ избира нов претседател на УМС – Јаулески ги повика сите заинтересирани да се пријават на објавениот конкурс

Секој почеток има и свој крај, а мојот како предводник на најсилната и најдобро организираната младина во Република Македонија е овде и тоа е поради возрасната граница која веќе не ми дозволува да бидам на чело на Унијата на млади сили, вели во својата Фејсбук објава досегашниот лидер на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески.

Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата негова објава:

Почитувани членови на Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ, мои браќа и сестри,

Секој почеток има и свој крај, а мојот како предводник на најсилната и најдобро организираната младина во Република Македонија е овде и тоа е поради возрасната граница која веќе не ми дозволува да бидам на чело на Унијата на млади сили.

Но, тоа не значи крај и на нашето пријателство кое го стекнавме и е многу силно, не значи крај на нашето единство кое го создадовме во изминатите две години откако ја презедов функцијата. Вие бевте и секогаш ќе бидете посебен дел од мојот живот бидејќи со вас ги поминав најубавите години од него. Секој еден член, секој општински комитет, месен, секоја комисија се длабоко вмрежени во мојата меморија и таму ќе останат засекогаш. Јас сум ви премногу благодарен и горд сум на сите вас и на поддршката што ми ја дававте, на вашата несебична посветеност во работењето, во креирањето на младинските политики и градењето на најсилниот бренд во партијата која ја прави силна и цврста, а тоа е УМС.

Сакам длабоко да се заблагодарам и на мојот Извршен комитет, тимот со кој овие две години буквално ја ,,изоравме” цела Македонија, посветено работевме за да го издигнеме УМС на пиедесталот и да биде најмоќна политичка младина во Македонија, но и пошироко. Сакам да се заблагодарам и поклонам на сите претседатели на општинските комитети на УМС, раководствата, комисиите и членовите за сите непреспиени ноќи, сите одделувања од оној лагоден живот и силната и жестока борба на терен кои исто така, резултираа со една силна организација како што е УМС. Вие сите сте нераскинлив дел од мене и тоа ќе бидете засекогаш!

УМС мора да продолжи понатаму и да биде уште посилно и да нижи нови и поголеми успеси, да продолжи да биде гласот на младите, носител на прогресот и генератор на младинските политики и со својата бунтовност и љубов кон татковината да направи да биде подобро место за живеење.

Затоа сакам да ве поттикнам сите вие кои во своите срца носите искрена љубов кон Македонија, сите вие кои сте спремни да одговорите на предизвикот кој нема да е така лесен, сите кои ги исполнувате условите, сите кои имате силна желба и верувате во себе – да се пријавите на Повикот за кандидирање на нов претседател на УМС и да се борите водејќи се од идејата на ВМРО за просперитетна и силна Република Македонија и за подобар статус на младите.

УМС е најчистото ткиво во ВМРО – ДПМНЕ, тука како едно семејство функционираат најчистите млади во Македонија и затоа, да се задржи чиста УМС значи силна ВМРО – ДПМНЕ и силна Македонија.

Јас верувам во сите вас како што и вие верувавте во мене.

Ви благодарам за секој поминат момент заедно, за секоја активност и секоја дружба. Јас продолжувам и понатаму рамо до рамо со вас во Собранието на Република Македонија да бидам вашиот глас, да ги испорачувам вашите потреби и жестоко да се борам за да обезбедиме подобар живот за младите во Република Македонија.

Да сте ми здрави и живи!, вели Јаулески во својата објава.