дома Свет Во Британија од утре домашни тестови за Ковид-19 за побрзо враќање во...

Во Британија од утре домашни тестови за Ковид-19 за побрзо враќање во нормала

Британското Министерство за здравство денес објави дека сите домаќинства во Англија со деца кои посетуваат основно или средно училиште ќе имаат можност да добиваат два брзи теста за ковид-19 еднаш неделно, со цел да ги поддржат владините напори за што побрзо враќање на учениците во училишните клупи.

Британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела објави дека е изготвен план за укинување на ограничувањата и нуди претпазлив пристап во спречување на повторно воведување на сеопфатни ограничувања што и наштетиле на британската економија.

Џонсон изјави дека враќањето на учениците на училиште од 8 март, со минимални социјални контакти на отворено, е приоритет во првата фаза.

Министерството за здравство соопшти дека комплетите за брзо тестирање ќе бидат достапни од утре на повеќе од 500 локации, но дека тестовите ќе бидат спроведени и на работните места и во локалните центри за тестирање.

Учениците од основните и средните училишта ќе бидат тестирани двапати неделно, најпрво во училиштата, а потоа ќе добијат тестови за домашна употреба.

Бројот на новоинфицирани лица во Велика Британија се намалува и сега е еден од 145, објави Националниот завод за статистика.