дома Занимливости Во Канада пронајден најголемиот дијамант во Северна Америка, голем колку јајце

Во Канада пронајден најголемиот дијамант во Северна Америка, голем колку јајце

Најголемиот дијамант кога било откопан од тлото на Северна Америка е пронајден во канадски рудник покрај Арктичкиот Круг, пренесоа тамошните медиуми.

Канадскиот весник „Торонто стар“, повикувајќи се на компанијата „Доминион“, која управува со рудникот, ја пренесе веста дека жолт 544-каратен дијамант е откриен во рудникот Диавик, сместен на северот од Канада, стотина километри јужно од Арктичкиот Круг, пренесе агенцијата „Хина“.

„Дијамант со таа големина е сосема неочекуван во овој дел од светот и ова значи вистинска пресвртница за ископувањето дијаманти во Северна Америка“, објави компанијата на интернет-страницата mining.com.

Се тврди дека овој скапоцен камен е меѓу 30-те најголеми дијаманти во светот.

„Еј-би-си њуз„ пренесува дека дијамантот со големина на јајце нема да биде продаден во неизбрусана форма, туку од „Доминион“ бараат партнер за сечење и полирање на дијамантот.

Компанијата истакна дека е премногу рано да се зборува за вредноста на пронајдениот дијамант.

Најголемиот дијамант во светот е 3.106-каратниот „Кулинан“ пронајден во 1905 година во Јужна Африка.
Извор:aktuelno24