дома Локално Во Скопје има 8.999 паркинг места, а 113.963 бесплатни дозволи за паркирање

Во Скопје има 8.999 паркинг места, а 113.963 бесплатни дозволи за паркирање

Податоците за 2019 година покажуваат дека бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите е за 13 пати поброен од бројот на паркинг места со кои располага ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, се наведува во Годишниот извештај за работењето на ова јавно претпријатие, анализира Мета.

Заклучно со декември 2019 година, ЈП „Градски паркинг“ располагал со 8.999 паркинг места во главниот град, кои им се ставени на располагање и на станарите во зградите околу кои се наоѓаат паркинзите, но и на другите возачи. Наспроти ова, ЈП „Градски паркинг“ во текот на ланските месеци имал издадено вкупно 113.963 бесплатни дозволи за паркирање на станарите кај зонското паркирање и кај јавните паркиралишта во општините Центар и Аеродром. Ваквото штанцање на бесплатни дозволи за паркирање не соодветствува со можноста граѓаните да најдат слободно место на паркинзите со кои управува ЈП „Градски паркинг“.

Самото јавно претпријатие во документот признава дека загубениот приход поради издавањето бесплатни дозволи за повластената категорија „станари“ довело до изгубен приход од околу 200.000 евра. Причината за големата разлика помеѓу бројката на издадени бесплатни дозволи и достапни паркинг места е што во некои населби, како што е случајот со општина Аеродром, станарите имаат можност да извадат и до три вакви дозволи за бесплатно паркирање кои се водат на иста адреса.