дома Македонија ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ: Македонија не смее да биде економски изолирана!

ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ: Македонија не смее да биде економски изолирана!

Професорката Гордана Силјановска Давкова во нејзината изборна програма како претседател на Република Македонија ветува низа проекти во економијата.

Како дел од економските проекти Силјановска во нејзината програма ги наведува следните: Организација на конференција за приклучување на Македонија кон енергетските коридори – Македонија не смее да биде изoлирана од енергетските коридори кои се градат или планираат да се изградат во регионот. Нужно е да се продолжи и со гасификацијата и земјата да се поврзе со интерконектори со т.н. Балкански тек.

Јакнење на извозната компонента – ќе дадам силна поддршка на извозно ориентираните компании од Република Македонија, преку нивна промоција во индустриски развиените земји.

Ќе работам на проширување на зоните за cлободна трговија и отворање можност за склучување на нови договори за бесцарински режим.

Ќе побарам она што Владата заборава да побара веќе цели 18 години – официјално вклучување на Македонија во Пан-европската асоцијација на дијагонална кумулација на потекло на стоките, што ќе овозможи финалните производи од Македонија да кумулираат потекло и се извезуваат во ЕУ без царини. Инвестициска оаза – Мој приоритет е промоција на Македонија како безбедна земја со високо квалификуван кадар, земја на млади и паметни луѓе и најдобри услови за вложување на капиталот.

Привлекување странски инвестиции со цел создавање нови работни места кои ќе создадат своевиден пpитиcoк на пазарот на труд и ќе придонесат кон подигање на просечната плата. Македонија секаде – Соработката со приватниот сектор ќе биде во насока на промоција на Република Македонија како инвестициска дестинација. Од исклучителна важност е нашето активно присуство на најголемите светски економски и бизнис самити, и иновативно-технолошките саеми. Со секоја посета во странство ќе организирам бизнис форум и ќе носам делегација на компании од сите комори од Македонија.

Фокусот треба да се стави и на новите пазари во Азија и Африка и на следните сектори: металургијата, прехранбената индустрија (посебно конзервната и кондиторските производи), производството на пијалаци, текстилна индустрија, производството на тутун и тутунски производи, ИКТ, мебел и производите од камен (мермер).