Втор дeн жaлocт зa 14 жpтви вo Тетово: Пoлитичapитe изpaзиja coчyвcтвo, зa oдгoвopнocт и ocтaвки ќe ce paзмиcлyвa пo иcтpaгaтa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во пожарот што на 8 септември вечерта избувна во модуларната болница во Тетово, загинаа 14 лица. Владата поради големата трагедија прогласи тридневна жалост. Истрагата за случајот е во тек, а министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека никој нема да биде изземен од одговорност.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, преживеаните 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.

– Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди, информираа вчера од Министерството за здравство и изразија сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.

Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на вчерашната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

За денови на жалост се прогласени вчера, денеска и утре, а за време на деновите на жалост знамето на Македонија ќе биде истакнато на половина копје.

Министерот за здравство Филипче изрази длабоко сочувство до семејствата на починатите и истакна дека пожарот е огромна трагедија.

Тој информира дека на вчерашната владина седница донеле одлука на нашите експерти во истрагата за пожарот да им се приклучат и експерти од странство.

– Ова го правиме со цел спроведување на независна и темелна истрага. Како министер и пред сè како човек барам сите наоди уредно да бидат презентирани во јавноста. Од одговорност никој нема да биде изземен доколку истрагата тоа го утврди, потенцира Филипче.

Тој наведе дека починатите се на возраст од 29 до 79 години. Освен класичните обдукциски наоди, како што рече, ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на семејствата на пациентите.

Филипче посочи дека целокупната документација за набавка и поставување на модуларните болници, вклучително и таа во Тетово, покажува дека при реализација на ваквите проекти, кои се поддржани од Светска банка, се запазени строгите стандарди и постапки.

– Истрагата исто така треба да утврди дали и на кој начин по предавање на објектот во употреба во тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен, рече Филипче, додавајќи дека Министерството активно ќе соработува со истражните органи и апелираше тоа да го направат и сите други институции, со цел точно да се утврди што се случило.

Тој апелираше до граѓаните и медиумите да не создаваат паника и недоверба кон самите ковид-центри коишто значеа и сè уште значат многу за хоспитализација и спасување на животи во оваа ковид криза.

– Вакви објекти се користат на многу места во светот. Пожари и несреќи се случуваат и овие трагедии можат да бидат предизвикани од многу фактори, вели тој и апелира да се почека резултатот од истрагата и да не се прејудицира.

Тој се осврна на повиците за негова оставка.

– Дозволете да кажам дека од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам. Но, ќе инсистирам и ќе чекам да заврши истрагата поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на дел од кризата, посебно околу пациентите во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукциските наоди и дека апсолутно по завршувањето на истрагата ќе ја донесам оваа одлука за тоа дали ќе поднесам оставка. Навистина е тешко да се опише со зборови тежината и болката којашто ја чувствувам, навистина сочувствувам со членовите на семејствата на сите загинати, меѓутоа ќе ги чекам официјалните наоди на истрагата, рече Филипче, кој додаде дека не бега ниту од одговорноста во однос на наодите на истрагата, ниту пак од моралниот момент.

Сочувство до семејствата и роднините на починатите во страшната трагедија во Ковид-центарот во Тетово и желби за успешно закрепнување на повредените вчера изразија и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, кој воедно најави брзо утврдување на причините за пожарот.

– Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочуство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација, наведе Заев.

Претседателот Пендаровски вчера во Тетово изјави дека според информациите кои ги добил од надлежните, досега не постојат индиции дека пожарот во модуларната ковид болница бил намерно предизвикан.

– До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или наредниве денови надлежниот јавен обвинител. процедурата е тие даваат наредби до другите надлежни институции од обдукција до МВР. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност, по нивното добивање на тие сепак извештаи ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот и второ и дали зад тоа евентуално има човечка грешка, истака претседателот Пендаровски.

За пожарот и големиот број на жртви, опозицијата, покрај сочувство за семејствата нна загинатите, побара и од одговорност од надлежните.

Од ВМРО-ДПМНЕ изразија големо жалење за огромната трагедија и загубата на животи на наши сограѓани во пожарот во модуларната болница во Тетово и побараа да се утврди одговорност.

– Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на починатите во ужасната трагедија и искрено желби за брзо закрепнување на сите повредени од синоќешната страотна катастрофа. Воедно сакаме да потенцираме дека е важно институциите да го истражат до крај причинителот и да се утврди одговорност, која не смее да изостане, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Алијанса за Албанците нагласија дека оние кои речиси две години не нашле ниту еден ден да им помогнат на тетовци во борбата против панденијата, по трагедијата, без срам, продефилирале на местото каде што изгореа многу души.

– Лицемерието на министрите и функционерите на Владата на СДСМ-ДУИ оди дотаму што бара истраги, а истовремено ги попречува истрагите, газат на местото на истрагите уништувајќи ги доказите и трагите што би помогнале во расветлување на овој случај. Сега сме убедени дека не се чувствувате одговорни и совесни, но покажете малку грижа и не додавајте уште повеќе болка на семејствата на жртвите со вашите луксузни и цинични паради, потенцираа од Алијанса за Албанците.

За големата трагедија, се огласија и владините претставници од соседните земји, изразувајќи сочувство и поддршка. Пораки со сочувство пристигнаа и од Европската Унија, како и од Советот на Европа.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This