дома Локално Гевгеличани повикуваат на заштита на унитарноста на државата

Гевгеличани повикуваат на заштита на унитарноста на државата

Во Гевгелија попладнево се одржа мирен протестен марш со кој граѓани изразија поддршка на иницијативата „За заедничка Македонија“. Повикаа на единство меѓу политичките партии и на заштита на унитарноста на државата.

– Ги повикуваме сите патриоти во Република Македонија и македонската дијаспора независно од етничката, верската и партиската припадност на семакедонско помирување и обединување за одбрана на унитарноста на државата, името и идентитетот на нацијата и од сите бараме почитување на Уставот и законите, рече Ванчо Лазаревски од Граѓанската иницијатива.

Учесниците на маршот се против, како што рекоа, формирање паралелни институции на власта зашто сметаат дека малцинските етнички заедници во Македонија ги имаат највисоките стандарди на малцински права и слободи во Европа и светот. Тие бараат доследна примена на законот на знамињата на целата територија на Република Македонија и  задолжително изучување на македонскиот јазик.

– Нашите црвени линии се дефинирани и се на крај со отстапките. Немаме што повеќе да изгубиме бидејќи немаме резервна татковина. Остро го осудуваме влепредавството на Заев и врхушката на СДСМ  и бараме Јавното обвинителство да ги процесуира доказите за велепредавство кон Република Македонија, истакна Лазаревски.

Мирниот протестен марш тргна од пред споменикот на илинденецот Сава Михајлов во центарот на Гевгелија, а заврши на градското шеталиште.