дома Магазин “Ги чувствувам болките од камењата кои ги фрлаат врз мене“ – Тоше...

“Ги чувствувам болките од камењата кои ги фрлаат врз мене“ – Тоше толку се разочарал што се затворил во соба

На денешен ден пред 11 години за жал не напушти нашата најголема македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Како и секоја година голем број на граѓани, колеги и соработници се сеќаваат на неговиот лик и дело и споделуваат најразлични ситуации поврзани со него. Обично сакаме да се сеќаваме на убавите и среќни моменти, но новинарката Соња Алексовска Неделковска не потсети и на оние помалку убави моменти кои го опкружуваа Тоше за време на неговиот живот.

Знаеме дека таа е сопруга на познатиот композитор Огнен Неделковски со кој Тоше долги години соработуваше и како новинар беше една од најблиските негови соработници и пријатели. Таа е и автор на неговата биографска книга насловена „Ова не е крај“, и токму поради тоа може да се каже дека таа е една од новинарите кои најдобро го познаваа, во доброто и во помалку доброто.

Честопати новинарите не ги штедеа негативни зборови за Тоше во своите написи без да размислуваат за тоа како истото ќе влијае на него и неговата кариера градена по многу трнлив пат. Иако денеска ретко можеме да прочитаме нешто такво, Соња реши да го искористи денот и да не врати во реалноста, да ни покаже колку сурови можеме да бидеме дури и кон најдобрите.

Статусот го пренесуваме во целост, а истот е извадок од книгата „Ова не е крај“:

Само што зачекорив во предворјето на сонот, војникот свирна во својата труба, која неочекувано звучеше исто како песната од мојот мобилен телефон. “Во Лондон се, што ли им се случило ?
– Соњааааааа…..”Што се тие работи што ги пишувате за Тоше и за неговата продуцентска куќа?! Зошто неговото име го ставате таму каде што не треба?! Па, какви луѓе сте вие новинарите?! Вие никогаш нема да стигнете во Рајот. Додека тој во Лондон гори во студиото, снимајќи деноноќно песни да успее, не само за себе туку и за Македонија, вие ќе горите во пеколот!”
Замолчев. Тоа беше најдобрата одбрана против нејзината лутина што ја довела до бес.
– “Каде е сега Тоше?” – едвај изустив.
– “Го напушти снимањето и се затвори во хотелската соба. Многу е разочаран. Како можете тоа да му го правите?” – нејзиното ехо со прашалници се изгуби во далечината.
Не успеав да и кажам дека новинарите не се цвеќе за мирисање.Тие се како кактуси. Нивното стебло е секогаш исправено. Ако се обидеш да им го скршиш, ќе те боцнат. Не се декор во домовите, не се прикладни за подарок. Ќе ги засакаш кога ќе им се појави цвет, кој следниот ден исчезнува. Нивната моќ не е во убавината, туку во цврстината.
Тоше го гледаше цветот во нас кога го кревавме до височини, но и кога неочекувано ќе го боцневме. Болката ја претвораше во насмевка.

Сега беше поинаку. Како целиот кактус да му се забоде директно во срцето. Решив да му пишам порака, но не како новинар, туку со срцето на еден обичен човек.
– “Тоше, ти си ангел што Господ го испратил од небото на Земјата да шири љубов меѓу луѓето со своите песни. Тие сите те сакаат и затоа никој не може да те уништи!”
Многупати ќе ја препознаев болката во неговите очи, но никогаш не ми ја отвори докрај вратата од неговата соба за тага. Се прашував каде ли ја наоѓа силата со која враќа на сите удари кои постојано ги добиваше? Како му успева секогаш како Феникс да никне од пепелта? Што ли размислува сега, во овој миг? Одговорот го добив само неколку минути подоцна.
– “Не сум ни Исус, не сум ни Господ. Но, понекогаш се чувствувам како Исус распнат на крст. Ги чувствувам болките од камењата кои ги фрлаат врз мене. Но, ако, ќе издржам. Им простувам на сите што ќе ми нанесат болка. Затоа, те молам, прости им и ти.”

(Извадок од книгата ,,Ова не е крај,, посветена на ликот и делото на Тоше Проески)