дома Локално ГЛУВЦИ ШЕТААТ МЕЃУ ПАЦИЕНТИТЕ НА ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА

ГЛУВЦИ ШЕТААТ МЕЃУ ПАЦИЕНТИТЕ НА ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА

Во нехумани и мизерни услови работи Одделот за физикална медицина и рехабилитација во Општата болница Куманово. Распаднати подови, распукани ѕидови, оштетена инсталација, стари и распаднати купатила, тесни ходници, мали ординации и стар мебел, е сликата во монтажната барака во која е сместено одделението. Објектот е стар 50 години и овде времето застанало во 1960-те години.

„Дојдовме пред 17 години како привремено решение и уште сме тука. Објектот буквално се распаѓа. Не дихтуваат прозорците ни вратите. Иверките од бараката попуштиле, па меѓу нив има дупки. Глувци шетаат по просторијата и додека има пациенти. Имало случаи кога меѓу даските ќе угине глувче, па со месеци корне во ординациите. Простор е мал, а инвентарот е стар повеќе од 40 години. Собираме од подрум и носиме тука, затоа што немаме на што да седнеме. Немаме ништо саглам“, се жалат вработените.

Објектот не е реновиран и не може да се реновира затоа што му е изминат векот на траење. Одамна не одговара на капацитетот и на бројот од 200.000 жители од Североисточниот Регион. Покрај од околината на Куманово, лекарите велат дека имаат пациенти и од Крива Паланка, Кратово и Свети Николе.