дома Свет ГОЛЕМА БРОДСКА НЕСРЕЌА: Исчезнаа 180 лица

ГОЛЕМА БРОДСКА НЕСРЕЌА: Исчезнаа 180 лица

Четири лица загинаа, а речиси 180 луѓе се исчезнати откако брод со мигранти се преврте во Средоземното Море, соопштија денеска УНХЦР и Меѓународната организација за миграција.

Податоците се добиени врз основа на сведочењето на четворица спасени патници кои пристигнале во јужното италијански пристаниште Трапани, се наведува во соопштението.

Се претпоставува дека сите 180 исчезнати се загинати, соопштија денеска претставниците, откако разговараа со четворицата преживеани.

Тие навеле дека дрвениот брод во петокот ја напуштил Либија со повеќе од 180 луѓе, кои се по потекло од источна Африка.

По петочната пловидба, се расипал моторот и бродот почнал да се полни со вода и како што полека тонел, така се повеќе луѓе се давеле.

По повеќе часови поминати во вода, преживеаните во саботата биле спасени од страна на француски брод кој дејствува во рамките на операцијата „Тритон“ на Европската погранична агенција „Фронтекс“.

Потоа ги презел друг брод на „Фронтекс“ и ги префрлил во Трапани, заедно со четири тела што се извадени од водата и 34 лица кои се спасени од друг мигрантски брод, што исто така се нашол во невоља.